Македонија
7. August 2024 - 16:34

Евтанизирана слоница во скопската зоолошка, партиите бараат оставка од Арсовска

Скопската зоолошка остана без слоницата Дуња. Била стара и изнемоштена со повеќе здравствени компликации. Дуња скоро и да не гледала, а имала и проблеми со вилицата и забите. Ниту еден третман не можел да ја спаси, па одлучено било да се евтаназира.

„Азиската слоница Дуња по насока на сопствениците кои ја позајмија на нашата зоолошка- „Pairi Daizа“ од Белгија, одлучија со тимот експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледуваа слоницата донесоа одлука за евтаназија на слоницата“

Под објавата на социјалните мрежи се нижеа негативни коментари од револтирани граѓани.

„Помор на животни ви се случува во последниве години во Зоолошката. Дали е ова нормално?“

„Зооолошката е во очајна состојба, дел од животните си шетаат слободно, нехигиена, нема ништо ново“

„Подобро затворете ја нека не страдаат животните повеќе“, се само дел од коментарите.

Слоницата Дуња беше донесена заедно со Даела пред 6 години. За нив беше изградено ново живеалиште со отворен и затворен дел. Тогашниот директор Галетановски за Сител вели ова е голема загуба за сите.

„Беа во мое време донесени. Тоа беше убав момент за скопјани, за цела Македонија беше убав настан. Голема загуба е и за Скопје и за цела држава. Најголема загуба е за вработените, колегите внатре и за децата што се радуваат секојдневно. Реално, имаше и години, стара беше слоницата, меѓутоа била болна“ – Ѓорѓи Галетановски, поранешен директор на скопската зоолошка

Реагираа и партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека имало обид да се заташка случајот.

„Слоницата, најголема атракција во зоолошката градина, тајно е носена од скопската зоолошка до скопската депонија, со намера да се прикрие нејзината смрт. Каков ум е тоа што мисли дека ќе сокрие смрт на слон. Овој чин е за непочитување и отворено криминално однесување. Ја повикуваме градоначалничката на Скопје и од неа поставениот директор, господинот Зоран Попов, да пристапат одговорно кон ова злосторство врз Скопје и скопјани“ – Стефан Кирков, ВМРО-ДПМНЕ

Одговорност побараа и СДСМ и ЛДП.

„Страшно и жално е тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа заради бизнис интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност“ - СДСМ

„Либерално-демократската партија бара оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, поради нејзиното катастрофално менаџирање на градските институции и неспособност да се справи со проблемите на градот“ - ЛДП

Слоницата најголемиот дел од својот живот го поминала во патувачки циркус низ Европа. Поради забраната за користење на животни во циркуси точки, заедно со Даела биле однесени во специјален парк во Белгија, но поради трауматичното минато не можеле да живеат во група со други слонови. Затоа, оттаму се донесени во Скопје.

Што ќе се случува со Даела, со оглед на тоа што слоновите во природата живеат во стада, допрва ќе се одлучува заедно со европската група за слонови.