Македонија
23. October 2024 - 16:32

Тим од медицинска сестра, социјален работник, психолог и физиотерапевт ќе посетува семејства од социјален ризик

Во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, а подоцна ќе биде вклучена и Градско започнува реализацијата на проектот „Медицинска сестра во заедницата“. Куриозитет е што ваков проект за прв пат се реализира во Македонија, но и во околниот регион. Целта на проектот е осигурување на здравствена и социјална заштита на граѓаните кои се од социјален ризик, особено во руралните средини. За таа цел ќе биде ангажиран тим од 10 медицински сестри и околу 5 социјални работници, психолози и физиотерапевти кои ќе ги посетуваат овие семејства давајќи им бесплатни здравствени услуги.

„Сите лица кои се во социјален ризик, односно имаат поминимлани примања или се корисници на гарантирана минимална помош, лицата со попреченост, лицата со хронични заболувања ќе може да пристапат до вакови вид на помош и поддршка. Од февруари планираме веќе да сме на терен со медицинските сестри и тогаш ќе имаме повик да се пријавуваат лицата и врз основа на бројот на корисниците кои ќе ги опфатиме ќе се креираат плановите и програмите по кои ќе работат медицинските сестри и останатиот професионален кадар“, вели Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.

Услугата ќе биде давана во соработка со Центарот за социјална работа од Прилеп и Општата болница од овој град.

„Во рамки на проектот има предвидено набавка на опрема за физиотерапија и подобрување на мобилноста, за лица кои имаат хронични заболувања или специфични болести ќе гледаме да им обезбедиме финансиска поддршка за потребните медикаменти, а дополнително во рамки на проектот ќе бидат доделени и 700 пакети на социјално загрозени семејства. Она што го детектиравме како предизвик кај голем број лица е и постоперативната грижа, затоа што на болница да тие ја добиваат таа помош и поддршка, но што се случува во домот домот доколку се финансиски немоќни да ги обезбедат сите оние средства за пост оперативна грижа, така што во соработка со градската болница ќе гледаме оваа услуга да стане достапна за лицата на кои што им е потребна постопетративна грижа“, додаде Тошеска.

Проектот е реализиран од Здружението Центар за развој и едукација Прилеп, а е финансиски поддржан од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики.