Македонија
8. February 2018 - 13:55

Европски пари за поквалитен живот во пет општини

Во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD), градоначалниците на општините Куманово, Гостивар, Ресен, Кавадарци и Струмица денеска потпишаа Меморандум за разбирање со постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП Луиза Винтон и претставникот на Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини. 

Програмата, финансирана од Европската унија и кофинансирана од УНДП и од општините, овозможува поддршка на проекти од јавен интерес и подобрување на општинските услуги и квалитетот на живот за жителите на овие општини. Посебно внимание ќе се посвети на проекти за општествена вклученост, родова еднаквост, човекови права и заштита на животната средина. 

Винтон нагласи дека вкупниот износ кој е обезбеден за програмата е 845.000 евра или по 120.000 евра како грант ќе одат за секоја од општините. 

- УНДП ќе соработува со секоја од петте општини при доделување на средства на организациите на граѓанското општество кои понатаму ќе се фокусираат на потребите на локалното население, рече Винтон. Додаде дека секоја од општините треба да се залага за транспрентно доделување средства на организациите на граѓанското општество и да воспостави ситем на јавни повици каде јасно ќе бидат дефинирани критериумите врз кои ќе се избираат граѓанските организации. 

Бертолини информира дека биле согласни со УНДП дека овие општини претставуваат нова надеж, нова визија во работата со граѓанското општество и со граѓаните. Истакна дека овие општини треба да претстават добар модел за останатите локални самоуправи. 

Според него, во Македонија општините имаат доста мали буџети и  потребно е на локалните власти да им се дадат поголема моќ и поголеми овластувања. Тој изрази надеж дека со нивна помош ќе овозможат општините да работат подобро. 

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев потенцира дека сите пари транспарентно ќе бидат наменети во интерес на невладините организации. 

- Во наредните две години сите невладини организации во Кавадарци ќе имаат сигурно финансирање за нивните  проекти кои треба да ги завршат, рече Јанчев.

Во проектот се вклучени и општините Ново Село, Василево и Босилово.