Свет
2. November 2017 - 15:51

ЕУ во поддршка за спречување на неказнувањето на насилството врз новинарите

Европската унија им оддава должна почит на новинарите и на нивната работа за разоткривање на злоупотребите на властите, корупцијата и кршењето на човековите права, при што често се изложени на опасност од заплашување, насилство и смрт, се наведува во Декларацијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини по повод 2 ноември - Меѓународниот ден за спречување на неказнувањето на насилството врз новинарите.

- Независните и слободните медиуми се основата на плуралистичката демократија и средство за барање одговорност од владите за нивната работа, се наведува во документот.

Според Могерини, нападите врз новинарите претставуваат загрозување на демократијата и на плуралистичките општества.

-  Информациите што доаѓаат до нас имаат своја цена. Новинарите се уште се следени, приведувани, па дури и убивани и тоа не само во вооружени конфликти, туку и во мирновременски услови, вклучително и во ЕУ, што за жал го видовме пред само неколку недели. Насилството врз новинарите и вработените во медиумите не претставува само напад врз жртвите, туку тоа ја ограничува и можноста на јавноста да има пристап до информации и идеи од секаков вид, наведува Могерини во Декларацијата.

Во текстот се посочува дека ЕУ ќе продолжи да ги користи сите расположливи надворешно-политички и финансиски лостови со цел да обезбеди поквалитетно новинарство, поголем пристап до информации од јавен карактер и поголема слобода во изразувањето.

- Категорично ги осудуваме убиствата, насилствата, заплашувањето и малтеретирањата насочени против новинарите и сите вработени во медиумите. Очекуваме властите да ги почитуваат своите меѓународни обврски, кои опфаќаат заштита на новинарите од заплашување, закани и насилство, независно дали тие доаѓаат од државните или судските структури или пак се поттикнати од верски, економски или криминални побуди, посочува Могерини.

Таа неведува дека секое незаконско убиство, малтретирање, закана или напад врз новинарите, независно дали доаѓа од државни или недржавни субјекти треба да биде навремено истражено на ефикасен и независен начин и сторителите да бидат изведени пред суд. ж

- Неказнувањето на овие злосторства е удар врз демократијата и основните права меѓу кои и слободата на изразување, се заклучува во декларацијата.