Македонија
3. August 2024 - 16:30

Домашните земјоделски производи доволни колку за зимница

Пристигна и домашното земјоделско производство, количините се скоро како и лани, а производителите уверуваат дека за зимница ќе има доволно. Но земјоделците велат дека за жал нема кој да ги купува производите, а со тоа не може ниту да се очекува развој на оваа гранка. Главна причина за оваа ситуација гледаат во иселувањето. Велат иако земјоделството може да биде исплатливо, младите го напуштаат. 

„Слабо е нама кој да работи, младите не работат, сето замина во странство нема кој да купува. На двајца стари колку му треба сега, ништо не му треба, јас сум, тука 60 години на пазаров, никогаш не било полошо“, вели Томе Најдоски, земјоделец од Прилеп.

„Слаб е пазарот зошто нема народ, народот е иселен нема кој да купува“, додаде друга земјоделка.

„Земјоделието никој повеќе не сака да го работи, исплатливо може да биде ама ако се топтан сите дома фамилијата, но со двајца дома ништо не се прави, не бидува работа, не“, вели Гоце Рајчиноски, земјоделец од с. Бела Црква, Општина Кривогаштани.

Данокот го земаат и климатските промени, оние кои имаат проблем со наводнувањето имаат и помало производство. Но оние кои не зависат од дождовите се задоволни од количините.

„Годинава на жештините послабо, многу жешко и послаб е родот, нема како од годините пиперки убави, послаб квалитетот е“,  кажа Солуна Рајчиноска, земјоделец од с. Бела Црква, Општина Кривогаштани.

„Одличен родот годинава избушивме со синот 18 метри една пумпа, вода имам ги вадам секој втор ден. Годинава е жешка, но јас имам вода“, рече Ацко Крстески, земјоделец од с. Гачичани.

„Има род, но ние не садиме многу роба колку за нас за дома и кога ќе има повеќе го продаваме. Не зависиме од овие пари си земаме пензија, ова ни е дополнително“, истакна друг земјоделец на пазарот во Прилеп.

Како ќе се движат цените на земјоделските производи кога граѓаните ќе започнат да купуваат поголеми количини за зимница ќе се знае за околу еден месец.