Македонија
12. May 2024 - 19:20

ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на Договорот од Преспа

Европската унија изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на давање заклетва, соопшти Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС)

- ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, се наведува во соопштението од ЕЕАС.

Претходно, и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.

- За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа, напиша Урсула фон дер Лајен.