Свет
10. February 2025 - 14:49

Ердоган: Потребен е нов светски поредок

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган денеска повторно посочи дека е потребен нов светски поредок кој ќе ги земе предвид интересите на исламскиот свет, кој брои над две милијарди луѓе, пренесоа турските медиуми.

-Не може да има мир, спокојство и развој на човештвото таму каде што нема правда. Не може да има правда во систем во кој исламскиот свет, чие население надминува две милијарди луѓе, не е претставен, нагласи Ердоган во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, јави државната телевизија ТРТ-Хабер.

Шефот на турската држава во неколку наврати ја истакна потребата од реформирање на ОН, кои, според неговите зборови, не се во состојба да ги решат новите кризи во светот.

Потребен ни е нов светски поредок за да ги решиме проблемите на економијата, дипломатијата, трговијата, безбедноста.

Турскиот претседател уште еднаш го отфрли предлогот на САД за преселување на Палестинците од Газа. Според него, Израел мора да ја плати штетата што ја нанел таму и да започне со реконструкција.

-Не сметаме дека предлогот за иселување на Палестинците од земјите во кои живеат илјадници години е нешто што треба да се сфати сериозно, рече Ердоган.

Тој додаде дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да бара средства за „надоместување“ на штетата, која според него изнесува 100 милијарди долари, „наместо да бараат место за жителите на Газа“.