Ракомет
15. January 2016 - 19:39

ЕП Полска 2016: Франција поуспешна од Македонија

Франција оствари победа од 30:23 на стартот од ЕП во дуелот со Македонија која 52.минути беше равноправен ривал со европскиот првак. Наградата најдобар на натпреварот ја доби Борко Ристовски.

На стартот од натпреварот селекторот на Македонија во игра го внесе Филип Кузмановски во почетната седморка што значеше дека нема да имаме потреба од повеќе измени во транзицијата од напад во одбрана.

Почетокот на натпреварот мина со изедначена игра на двете страни и двете селекции во тие воведни минути се менуваа во водство, кое не беше повеќе од еден разлика. По серијата од 3-0 на нашата репрезентација во 14.минута на семафорот беше 8:6 за Македонија. Но, популарните „експерти“ брзо вратија и со серија од 5-1 во 20 минута водеа со 11:9. Кога нашите ракометари тешко успеваа да го совладаат Омејер, но добро за нас беше што во тие моменти и Ристовски на спротивната страна одбрани неколку „зицери“.  Во последните четири минути од првиот дел Македонија со серија од 3-1 дојде до нерешен резултат на полувремето 12:12. Во првиот дел резултатот беше изедначен дури 10 пати.

И почетокот на вториот дел почна во изедначена игра. Повторно имавме проблем со реализација во нападот, а Франција го искористи и во 44 минута за првпат поведе со три разлика (20:17). Сосема очекувано Обрван побара тајм аут. Набрзо потоа пак изедначивме на 20:20, а нерешно беше и до 22:22. Во последните осум минути беше нерешено, но Франција ги реализираше своите напади и поведе со 26:22 што доволно за победа. Во последните минути нашите во нападот во неколку наврати и ги погодуваа стативите.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Кирил Лазаров со 9 голови, Дејан Манасков постигна 5, додека кај Франција Седрик Сораиндо постигна 6 голови.

Тиери Омејер натпреварот го заврши со 16 одбрани, а Борко Ристовски имаше 10.

На вториот дуел од групата играат Полска и Србија од 20:30 часот. Утре е слободен ден, а во недела Македонија игра против домаќинот Полска.