Експертите бараат казна затвор за возење под дејство на алкохол или немање возачка
Пречекорување на брзината, возење под дејство на алкохол и немање возачка, да се казнуваат со затвор. Ваков тип на казни, според дел од сообраќајните експерти, ќе го смалат бројот на несреќи на патиштата. За да нема разлики во казнената политика меѓу судовите, предлагаат и единствени затворски казни.
„Управување со моторно возило без возачка дозвола, вие сте потенцијален убиец. Мора да го тргнете тој возач од сообраќајот на одредено време. Тука би била единствена казна, шест месеци затвор. Меѓутоа, ова да биде прецизно и јасно дефинирано, да не биде од три до шест месеци па да му се даде можност на судот да манипулира“, изјави Дејан Трпевски, Сообраќаен инженер.
Според Трпевски, постојните парични глоби за многумина учесници во сообраќајот не се соодветна казна. За намалување на бројот на несреќи, вели потребно е укинување на сега дозволените 0,5 промили алкохол со кои може да се седне зад воланот. Кај дел од прекршоците, смета дека е неопходно и трајно одземање на возачката.
„Управување на возило со повеќе од 20 километри на час во градска средина, или на отворено да кажеме со над 40, тоа е интенција. Интенцијата значи дека вие имате намера некого да убиете. Е тоа би требало да се казнува со казна затвор. Имате луѓе кои имаат многу пари. Вози кола од 100 илјади евра, вие ќе го казните со 500 евра. Тоа е смешно. Тој веднаш ја плаќа казната и продолжува истото да го прави понатаму, затоа што за него не важат законите затоа што е моќен и има многу пари“, изјави Дејан Трпевски, Сообраќаен инженер.
За измени на законите, во петок ќе се разговара во Собранието. Пратениците од власта иницираа јавна расправа за поголема безбедност во сообраќајот откако беше прегазена младата девојка од Неготино. Според премиерот, проблемот е системски, па улога има и правосудството.
„Најмногу треба прстот во чело да си го стават сите оние кои што за да ја зајакнат својата политичка моќ интервенираа кадровски во рамките на обвинителството и судството. И тоа е нешто кое треба да не опоменува, бидејќи, грешките некогаш знаат да бидат фатални“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Опозициската СДСМ најави свои идеи. Предлагаат задолжително присуство на полицијата пред училиштата и одземање на возило за сторен сообраќаен прекшок.
„Да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на наставата. Тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. И вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји“, Венко Филипче, Претседател на СДСМ.
Според експертите, за поголема безбедност и намалување на бројот на жртви, потребна е и подобра сообраќајна сигнализација, но и едукација од најрана возраст.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар