Македонија
9. May 2016 - 14:15

Една година од настаните во кумановска Дива населба

На денешен ден пред една година во оружената пресметка во кумановската Дива населба, која траеше два дена, животот го загубија осум припаници на Министерството за внатрешни работи, а четириесеттина беа повредени.

Акцијата заврши откако македонските специјални сили целосно ја неутрализираа и елиминираа терористичката група, од која дел им се предадоа на македонските власти.

Загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени четириесеттина полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на оваа приградска кумановска населба.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои минатата недела посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Годишнината од загинувањето на припадниците на безбедносните сили денеска ќе биде одбележана со низа активности на кои покрај блиските и роднините на загинатите ќе присуствуваат и  делегација на Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски и високи полициски старешини заедно со командантите на Единицата за  брзо распоредување и Единицата за специјални задачи.

За настаните во Дива населба, во скопскиот Кривичен суд се води судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителството досега повика околу 40 заштитени сведоци, а сведочеа и неколку жители на Дива населба, како и роднини на обвинетите.