Двата бубрега од донорот на срце, во моментов се трансплантираат на Клиниката за Урологија
Двата бубрега од истиот донор кој донираше срце, во моментов се трансплантираат на Клиниката за Урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа, информираат од Министерството за здравство.
Утринава, по 6-часовна операција, успешно заврши првата трансплантација на срце во земјава, која во координација со министерот за здравство Венко Филипче ја започна и ја водеше Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова.
Таа со својот тим болнички координaтори Билјана Андоновска, Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
Во моментов на Клиниката за Урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководство на др Сашо Дохчев, др Александар Трифуновски, др Сотир Ставридис и др Јанчулев, со тим лекари од клиниката.
„Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања и секако на лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа“, информираат од Министерството.
Пациентите кои ги добија органите беа избрани од Националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетриуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.
Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. др. Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со др Васил Папестиев, Др Марјан Шокаровски, др Ванѓел Здравески, др Кјутим Џелили, др Тања Анѓушева, др Никола Христов, др Стефанија Хаџиевска, Др Надица Мехмедовиќ, др Весна Миташова, Др Јасмина Илиевска, др Марија Гераковска и др Димче Славевски од Аџибадем Систина.
„Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Ново на Сител
-
Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година
-
Македонските фудбалери вечерва ја пречекуваат Летонија
-
Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел
-
Гувернери на државите во САД создадоа група за да се спротивстават на политиките на Трамп
-
Состојба на патиштата
-
Облачно со повремен дожд, а на планините снег
-
Кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги реферираа пред Комисијата за избори и именувања
-
СОС Детско село ја доби Цветиновата награда за мир