Свет
30. October 2019 - 22:45

Двајца загинати, 175 повредени за време на протестите во Багдад

Најмалку две лица загинаа денеска, а 175 се повредени во Багдад откако ирачките безбедносни сили употребија солзавец против демонстрантите кои се обидоа да влезат во делот на градот, познат како Зелена зона, соопштија извори во безбедносните и медицинските служби.

Двајца од демонстрантите загинале откако канистер со солзавец ги погодил директно в глава.

До судир меѓу демонстрантите и полицијата дошло кога Ирачаните, петти ден по ред, излегоа на улиците во вториот бран антивладини протести поради корупција, лошата работа на јавните служби и условите за живот.

Во текот на овој месец се убиени 250 Ирачани за време на антивладините протести.