Македонија
23. October 2023 - 12:54

Доделена државната награда „23 Октомври“

- Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше доделена државната награда „23 Октомври“, за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес.

За остварување во областа на науката и образованието, наградата им беше врачена на тимот за трансплантација на црн дроб, проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска и универзитетскиот професор Африм Османи.

За остварување во областа на културата и уметноста, наградата ја добија визуелниот уметник, проф. м-р Роберт Јанкулоски и писателот Блаже Миневски.

-Овој празник ги обединува генерациите кои се бореа и изборија за нашата слобода и за слободата на нашите идни поколенија. И после 130 години, 23 октомври - Денот на македонската револуционерна борба останува траен потсетник на вековните настојувања на Македонецот за сопствена држава во која секој човек без разлика на националната припадност ќе може слободно и достоинствено да ги гради и покаже своите творечки и професионални квалитети, изјави Мими Ѓоргорска Илиевска, претседателка на  Одборот за доделување на државната награда.