Македонија
3. April 2024 - 16:34

До ДИК 17 партии и коалиции поднеле листи за пратеници

Дури 17 партии поднеле предлог-листи зa пратеници. Листи во сите шест изборни единици имаат коалицијата на СДСМ, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на ЗНАМ на Максим Димитриевски, ГРОМ на Стевчо Јакимовски,  коалицијата на ДУИ, коалицијата на албанската опозиција Вреди, Левица....Листа во изборните едници 1, 2, 3 и 4 поднесе и Нова Алтернатива, партијата која ја презеде скопската градоначланичка Данела Арсовска.

Меѓу оние што поднеле листи се и Родина Македонија, Аваја, Твоја партија, Демократи, работничката партија, единствена Македонија, коалицијата Македонска ера трета сувереност, но и партијата на Љупчо Палевски Палчо – Десна.

Првата изборна единица ќе биде лидерска кај македонскиот блок партии. Таму носители се Ковачевски од СДСМ, Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, Изет Меџити од Демократско движење преку Вреди, Апасиев од Левица, Арсовска од Нова Алтернатива...Во албанскиот блок, во шестката ќе се судрат Али Ахмети од ДУИ и Биљал Касами од БЕСА преку Вреди, додека во петтата изборна единица судрот е меѓу крилотот на Таравари и крилото на Села.

Сите подносители веруваат во победа.

„Левица ќе настапи самостојно и ќе цели на двоцифрен број пратеници во Собранието на РМ - фактор кој нема да можат да го забиколат буржоаските партии“, коментираат од Левица.

Слично и од коалицијата на ГРОМ, ЦЕР и Интегра „имаме угледни луѓе кои можат да бидат вистински репрезенти на граѓаните, луѓе кои ќе се залагаат за реформи во образованието, во здравството и кои ќе работат.“, велат од оваа колаиција.

Сега следи проверка на кандидатите.

Местата до реден број 7 на гласачкотот ливче за 8 мај веќе се резервирани за партиите кои поддржуваат претседателски кандидат. За останатите до 13 април треба да се направи ждрепка во ДИК.