ДКСК: Дипломатскиот пасош е право, а не привилегија
ДКСК во објава на нивната веб-страница се повикува на член 11 од Законот за патни исправи за да појасни дека „право, а не привилегија“ е тоа што претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска, добила од МНР дипломатски пасош, а нејзините шест колеги членови поднеле барање за да го добијат.
Откако Димитровска деновиве тоа го соопшти во ТВ-интервју, ДКСК денеска во објавата, цитирајќи го членот 11 од Законот, наведува: „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државни органи; на дипломатско-конзуларни службеници вработени во Министерството за надворешни работи или упатени на работа во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство.
– Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели. Ова право не си го доделува самата ДКСК, туку законот кој го донел парламентот и министерот кој е овластен со процедура според законот. За да нема дилеми во јавноста и поради крајна транспарентност, го повикуваме и новиот министер за надворешни работи да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК, а исто така и пратениците самиот закон доколку сметаат дека има потреба од тоа, истакнува ДКСК во објавената реакција.
Во соопштението посочуваат дека во новиот состав на Антикорупциска работат „врвни професионалци избрани од Собранието со консензус од сите политички партии“ и дека „Собранието е првото место за контрола и оценка на нашата работа, а јавноста секогаш ќе биде навремено информирана за нашата работа“.
-Во оваа насока, а наспроти популизмот, наскоро на јавноста ќе и го презентираме извештајот за извршената внатрешната ревизија на институцијата, при што ќе побараме од сите надлежни институции да постапат согласно своите законски надлежности, пишува во објавата на ДКСК.
Комисијата нагласува и дека е „целосна дезинформација“ веста дека побарале нови возила за секој член на Комисијата и „одговорно изјавуваат“ дека „до ниту една државна институција никогаш не е испратено барање за доделување службени автомобили на членовите на ДКСК, вклучувајќи ја и претседателката Димитровска“.
– Во рамките на ребалансот на Буџетот на РСМ, ДКСК не побарува финансиски средства за купување автомобили. ДКСК како институција има потреба од службени возила и за нив ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК, се додава во соопштението.
Во објавата која е насловена „Бројот на успешно затворени предмети ќе биде единствената ’морална вертикала“ според која јавноста ќе може да ја оцени нашата работа“, ДКСК истакнува и дека единствено со факти ќе ја презентираат успешноста на нивната работа, „наспроти популизмот наметнат во јавноста“.
-Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително, поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број иницијативи за поведување постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство, наведува ДКСК во реакцијата.
Според Комисијата, иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должело на несоодветната работа на Јавното обвинителство, „можеби причините треба да се бараат во немањето доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“.
Новиот состав на ДКСК (Татјана Димитровска – претседател и Цвета Ристовска, Софија Спасова Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски – членови) мандатот го почна на 8 февруари 2024. Оттогаш, како што информираат во објавеното соопштение, затвориле 21 предмет од областа на судир на интереси, 61 предмет од областа на спречување корупција и 107 предмети од следење имотна состојба.
-На седницата закажана за в среда, 24 јули, ќе бидат разгледувани околу 150 предлог-одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК. Дополнително, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување корупција и судирот на интереси, се наведува во објавата на Антикорупциската комисија.
Ново на Сител
-
Путин му честиташе на Трамп
-
Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ
-
Бислимоски: Се уште е прерано да зборуваме каква ќе биде цената на електричната енергија по 1 јануари
-
Сменетиот израелски министер за одбрана: Нема причина армијата да остане во Газа
-
Доделени околу 80 отсто од ваучерите за купување инвертер клими
-
Лукашенко помилува 31 затвореник осудени поради „екстремизам“
-
Бајден вети мирен трансфер на власта
-
Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување