Македонија
21. јуни 2016 - 15:50

Димовски: СДСМ демонстрираше анархија и беззаконие преку платени хулигани

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција најостро го осуди вчерашното, како што посочија, палење, демолирање, кршење и вандализам за време на протестот на граѓанското движење „Протестирам“. 

- ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува вчерашното палење, демолирање, кршење и вандализам на хулигани од СДСМ и СОРОС. Со тоа креираше хаос, се нарушува безбедноста и спокојството на граѓаните и повторно се предизвикува огромна материјална штета врз државните институции, истакна на прес-конференцијата Илија Димовски, координатор на пратеничката група и член на Извршниот комитет на партијата.

СДСМ, потенцираше Димовски, демонстрираше анархија и беззаконие преку платени маскирани хулигани со една единствена цел, да го предизвика гневот на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија и да поттикне меѓусебно закрвување и конфликт.  - Ние знаеме дека тоа им е крајната цел, посочи тој.

Димовски рече дека СДСМ вчера доживеала дебакл бидејќи не успеала да ги наполни ниту половина од резервираните автобуси кај превозниците.

- Тоа се случи бидејќи голем број од членовите на СДСМ кои размислуваат разумно, рационално и кои чуствуваат патриотизам спрема оваа држава не сакаат да учествуваат во погубното сценарио на Зоран Заев, рече тој.

СДСМ, според него, вчера го допре дното и покажа во каква политичка агонија се наоѓа.

- Народот јасно виде дека во партијата нема ниту една конструктивна идеја со која би се излегло на политички мегдан и дека сите капацитети на ова раководство на СДСМ се посветени на целосна деструкција, насилство и вандализам, рече Димовски.

Според него, Заев се подлабоко тоне и сака во жива кал со себе да го повлече СДСМ, нивното членство, целиот народ и целата државата.

- Ова што вчера го демострираше СДСМ не е ниту борба за слобода, ниту борба за правда. Ова е борба на криминалното подземје со легитимните државни институциите. Оваа е борба на единствениот аболициран политичар Зоран Заев со државата, рече Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ ги осудува сите навреди и закани искажани кон полициските службеници и им изразува целосна поддршка ним и на нивните семејства кои секојдневно се осудени да гледаат како „хулигани под заштита на Зоран Заев и СОРОС ја загрозуваат безбедноста на нивните татковци, синови, браќа“.

- ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува полициските службеници да продолжат да работат согласно Уставот и закононите на Република Македонија и да ја бранат државата и граѓаните од ваквите насилници. Насилството и вандализмот не смеат да поминат неказнето и секој што дивее и уништува треба за тоа соодветно да одговара, рече Димовски на прес-конференцијата.