Македонија
26. March 2018 - 22:56

Димитров: Одлуката за протерување руски дипломат е и заштита на сопствените безбедносни интереси

Денеска ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија.

Ова вечерва на Твитер го напиша шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, по одлуката на Министерството за надворешни работи да протера еден дипломат на Руската Федерација.

Претходно, руската амбасада на Твитер се огласи со ставот дека „целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“.