Македонија
18. January 2023 - 10:32

Димитриевски за бугарските провокации: Се удира црн печат во пасошот и се забранува влез во државата

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во однос на провокациите од страна на бугарските претставници што овој викенд беа присутни на чествувањето на Мара Бунева во Скопје потенцираше дека неговите ставови се одамна јасни уште од првото интервју за БГНЕС на поранешниот премиер.

„Мислам дека државата треба да го спречи овој феномен и да не дозволи да се раѓаат нови. Ако сме организирана држава тогаш дефакто таквата организирана држава ги лоцира таквите поединци и ги неутрализира, а како се неутрализира? Се удира црн печат во пасошот и се забранува влез во државата. Еве, на пример, обидете се вие тоа да го направите во Бугарија и ќе видите што ќе ви се случи. Но, тука се користи просторот на политичката нестабилност, на функционирање на една слаба влада која стои на стаклени нозе. Политичка клима во којашто всушност сите функционираат по примерот којшто може да докачи додека трае функцијата и да си замине. И таквиот момент на слабоста на државата од ваквите поединци без разлика дали се националисти, повеќе би рекол шовинисти, а многу од нив и веќе потрошени политичари во нивните држави ги користат ваквите моменти за билдање на рејтинг и создавање на непријатно чувство, особено кај нас домаќините. Во сопствена држава ви доаѓа некој и ви вели вие не сте Македонец, Македонија е составен дел на друга држава, ви се отвораат големо бугарски, големо албански, па и големо српски, големо грчки идеи од страна на поединци, а притоа ние молчиме. И нашиот министер за надворешни работи наместо веднаш да упати протестна нота и да се продискутира на повисоко ниво е загрижен и оди како претставник на ОБСЕ во Украина да ја спасува Украина. Украина е голема приказна, голема војна. Дај да видиме што ни се случува тука во дворот, да го спречиме тоа“, рече Димитриевски во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.