Македонија
24. March 2024 - 17:42

Детектор: Расте незадоволството од онлајн услугите кои граѓаните ги добиваат од државата

Ако бројот на онлајн услуги расте, задоволството од нив се намалува, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје Ако лани 87,4% од граѓаните рекле дека се задоволни од онлајн услугата која ја добиле, оваа година таа бројка се спушта на 69,3%. Оттука, очекувано од 11,6% лани, незадоволството скокнало на 27,1% оваа година.

Но и покрај тоа, расте интересот за оналјн услугите. Последното истражување покажува дека над 43% од граѓаните кога би можеле да изберат услугите би ги завршиле преку компјутер, додека 52% сакаат да си отидат на шалтер. Во споредба со ланската анкета, имаме значително зголемување на интересот за онлајн услуги, имајќи предвид дека лани, за услуга преку компјутер се определија 33,9% од анкетираните.

Очекувано, дигиталните услуги се најпривлечни за младите а интересен е податокот дека над 58% млади под 30 години рекле дека преферираат услугите да ги добиваат онлајн.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 18 до 22 февруари годинава.