Македонија
19. April 2020 - 18:02

Детектор: Граѓаните со поделени очекувања околу можноста идната година да се одржи попис на населението

Граѓаните со поделени очекувања околу можноста идната година да се организира попис во Македонија, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 37,5% од граѓаните очекуваат попис идната година додека 35,4% сметаат дека попис нема да има. 27,4% од анкетираните рекле дека немаат одговор на ова прашање.

Над половина од граѓаните на пописот гледаат како на политичка операција додека само една четвртина сметаат дека тоа е статистичко пребројување на народот. 56,2% сметаат дека пописот е политичка а 24,9% статистичка операција.

Близу три четвртини од анкетираните сметаат дека во идниот попис треба да остане графата за национална припадност на граѓаните. Ваков став имаат 74,8% од анкетираните додека 14,1% сметаат дека графа за националност не треба да има.

Половина од граѓаните или 50,4% сметаат дека граѓаните кои се подолго од една година надвор од Македонија не треба да влезат во пописните документи додека 33,5% сметаат дека тие треба да се попишуваат.

49,7% од граѓаните сметаат дека резултатите од пописот не треба да влијаат на правата на етничките заедници, додека 31,2% сметаат дека тие треба да имаат влијание. 38,3% од анкетираните сметаат дека пописот е важен за да се пребројат граѓаните, 33,9% сметаат дека оваа операција е важна за да се планира идниот развој на државата, додека 18,6% на него гледаат како алатка за пребројување на етничките заедници.

Над половина од граѓаните или 51,2% сметаат дека пописот во 2002 година не дал точни податоци, додека 13,5% веруваат во тие бројки. 35,3% од граѓаните немаат одговор на ова прашање.

За тоа што нема попис во Македонија уште од 2002 година граѓаните одговорноста ја лоцираат кај сите политички партии. Ваков став имаат 43,5% од анкетираните. 16,1% за тоа го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ, 9,3% ДУИ, 8,5% Државниот завод за статистика и 2,9% СДСМ.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 10 до 13 февруари оваа година врз репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.