„Денови на македонскиот мед 2015“ од 24-ти до 26 септември
В четврток на улицата „Македонија“ во Скопје ќе биде отворен фестивалот „Денови на македонскиот мед 2015“ на кој ќе бидат изложени пчелни производи од пчелари од цела Македонија.
Покровител на 11-тата манифестација, што ќе трае до 26 септември, е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а организатор пчеларската задруга „Матица Скопје“. Штанд ќе има Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, а претставниците на дипломатскиот кор во Македонија ќе го изберат највкусниот мед на манифестацијата.
Како што информира претседателот на ПЗ „Матица Скопје“, Јане Марков на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, посетителите на фестивалот ќе можат да дегустираат мед, а со нив ќе се водат и отворени разговори со цел да им се доближи медот и пчелните производи: матичен млеч, полен, прополис, пчелин отров и восок, како здрава храна и да се промовира пчеларството како значајна стопанска гранка и добар бизнис.
- Во Македонија постојат над 4.000 пчелари со повеќе од 80.000 пчелни семејства од кои над 150 пчелни семејства имаат 2,1 отсто, речиси 30 отсто имаат од 50 до 150 пчелни семејства, 49,4 отсто од 20 до 50, а 18,4 отсто од едно до 20 пчелни семејства. Во земјава најмногу од пчеларите, дури 83,5 отсто практикуваат стационарно пчеларење кое дава помал принос, а само 16,5 отсто селидбено пчеларење, рече Марков.
Тој посочи дека од едно пчелно семејство во Македонија во просек се добиваат по 12 килограми мед годишно и додаде дека во земјава на годишно ниво се троши само по 700 грама мед по глава на жител, додека во Германија потрошувачката е 9, а во Јапонија дури 16 килограми по жител.
- Македонија има капацитети за производство на квалитетен мед со изобилство на вкусови, но сепак е увозно зависна. Се увезува мед со сомнително потекло иако има и обиди да се извезува. Во земјава нема организиран откуп на мед, но сепак има две до три фирми кои го откупуваат наголемо и го пакуваат како свој без да кажат од каде му е потеклото, рече Марков.
Препорача граѓаните да купуваат мед од пчелари во кои имаат доверба и нагласи дека покрај патиштата во Македонија се продава т.н. мед кој е оценет како безбеден за консумирање, иако, како што рече, во него има малку мед, а многу повеќе додатоци од гликоза и инвертни сирупи поради што има економска исплативост да се продава по ниска цена.
Потсети дека пчеларите добиваат субвенции од по 600 денари за едно презимено пчелно семејство под услов да поседуваат повеќе од 35 пчелни семејства или над 15 ако се поставени на поголема надморска висина од 700 метри или, пак, доколку живеат во населено место под 100 жители, како и 1.000 денари за пчелно семејство вклучено за производство на пчелни матици. Достапна им е помошта и од ИПАРД програмата за набавка на пчеларска опрема и пчелни семејства.
- Сметаме дека овие средства не се доволни и дека треба да бидат минимум 1.000 денари, бидејќи имаме мали приноси и зголемени загуби на пчелни семејства поради крлеж, ноземоза и други болести, рече Марков.
Пчеларот Марјан Митевски ја оцени годинава како средно продуктивна за пчеларите и прецизира дека подобри приноси има во планинските делови каде се вади шумски мед, додека има потфрлање во пониските поради обилните врнежи поради што, како што рече, се пониски приносите кај ливадскиот мед.
Ново на Сител
-
Трет обид за ликвидација на Раде Трајковски Штекли - Фрлена бомба во двор на неговата куќа
-
Собранието ја стартува расправата за буџетот, поднесени над 300 амандмани
-
Таравари до Ахмети: Наместо избори, работете на реформи во партијата и адаптација во опозицијата
-
Утре стартува јавната дебата за реформи во судството
-
Само 12% од компаниите имаат вработени ит експерти, Македонија зад европскиот просек
-
Социјално ранливите се борат со глад
-
Преглед на вестите од светот
-
Минималец од 450 евра сега, во март ќе бараме повеќе