Македонија
1. April 2016 - 12:50

Денот на шегата одбележан во Гевгелија

Повеќе од илјада најмлади жители на Гевгелија денеска продефилираа низ центарот на градот облечени во одела на своите омилени јунаци од детските стрипови и преправени во супермени,бубамари, волшебници,кловнови и разни други имагинации го одбележаа Денот на шегата со учеството на традиционалната манифестација „Априлијада 2016“.

Учесници на манифестацијата беа дечињата од трите детски градинки и учениците од основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија кои пред своите родители и насобраниот народ се претставија со колективни и индивидуално изработени маски.

Организаторите на манифестацијата Општина Гевгелија и Пионерскиот дом обезбедија пригодни награди за најуспешните маски, а на најдобрата од нив ќе и биде овозможено да учествува на слични манифестации и карневали во земјава.