Денеска се слават Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив
Пострадаа во Ликија во времето на царот Диоклецијан. Бидејќи никако не сакаа да се одречат од Христа ниту да им принесуваат жртви на идолите, беа ставани на разновидни маки: ги тепаа со камења, ги стружеа со остро железо, им ги прекршија колената и најпосле толку измачени и повеќе мртви одошто живи ги фрлија во оган. Силата Божја ги зачува неповредени од огнот. Тогаш ги извадија и ги убија со меч. Но Господ ги прослави и на земјата и во Своето небесно царство. Чесно пострадаа во Ликија во 308 година.
Светиот свештеномаченик Аполинариј
Ученик на Светиот апостол Петар, родум од градот Антиохија. Свети Петар го зеде со себе од Антиохија во Рим и во Рим го ракоположи за епископ на Равена. Кога дојде во овој град, Аполинариј влезе во домот на некој војник Иринеј, на когошто му го исцели синот од слепило и со тоа целиот тој дом го обрати кон вера во Христа. Исто така ја исцели од некоја мака и жената на равенскиот военоначалник, па го крсти и неговиот дом. Според желбата на овој военоначалник Аполинариј остана да пребива во неговиот дом. Тука направи и една домашна црква. И престојуваше во тој дом дванаесет години, проповедајќи го Евангелието и крштевајќи неверни. Во повеќе наврати беше луто мачен од незнабожечките старешини, но сесилната Божја десница го поддржуваше и го спасуваше. Најпосле беше осуден на прогонство во Илирик (на Блаканот). Коработ со којшто патуваа се разби од буре и потона, а од сите патници се спаси само Аполинариј со двајцата војници и со своите клирици. Бидејќи чудесно спасени, војниците поверуваа во силата на Аполинариевиот Бог и се крстија. Тогаш Аполинариј тргна да го проповеда Евангелието по целиот Балкан, спуштајќи се до Дунав. Потоа се упати во Тракија, каде што под истиот голем притисок го ширеше Господовото Евангелие. После три години работа на Балканот беше протеран назад во Италија. Тој дојде во Равена, каде што верните необично му се израдуваа. Кога слушнаа за ова, незнабожните старешини му пишаа на царот Веспазијан за Аполинариј како за маѓесник, па го прашаа дали да го предадат на смрт непријателот на нивните богови. На тоа царот одговори дека не треба да го убиваат, туку само да му побараат да им принесе жртва на нивните богови или да го протераат од градот, зашто вели: „Не прилега да му се одмаздуваме некому за боговите, бидејќи тие самите можат да им се одмаздат на своите непријатели ако се прогневат.“ Но и покрај оваа царска наредба незнабожците удрија на Аполинариј и го избодија со ножеви. Овој Божји слуга издивна од тешки рани, коишто го прославија во Царството Божјо. Моштите на Свети Аполинариј почиваат во Равена, во црквата што му е посветена.
Ново на Сител
-
Трамп сака да прогласи вонредна состојба во САД за да ја спроведе својата програма за протерување мигранти
-
Притвор за полициски службеник и уште едно лице за продажба на кокаин
-
Крвава расправија на ученици во Тирана, еден починат, двајца повредени, еден приведен од полицијата
-
Двајца маскирани крадци упаднале во замокот „Виндзор“ - домот на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон
-
Евростат: Луксембург најмногу издвојува за здравствената заштита на граѓаните
-
Пласидо Доминго во Скопје
-
Хрватска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и патриотската војна
-
Прва средба меѓу британски и кинески лидер по шест години