Денеска се празнува Свети Петар Милостив
Свети Петар Милостив
Божји угодник од 4 век.
Свети Јона презвитер
Таткото на Св. Теодор Начертани и на Св. Теофан, писателот на каноните. Чудотворец. Се упокои во манастирот на Св. Сава Осветен во 9 век.
Преподобен Козма Зографски
По потекло од благородничко бугарско семејство. Кога родителите сакаа да го оженат, побегна на Света Гора. Пустиник и чудотворец. Се подвизуваше во пештера близу манастирот Зограф. Повеќепати му се јави Пресвета Богородица. Тој е најголемиот зографски подвижник и чудотворец. Страшната келија во којашто се подвизуваше и се бореше со демоните и денес постои северозападно од манастирот Зограф. Беше проѕорлив со духот и ги опишуваше настаните што се случуваа на далечина во времето и просторот. Се упокои на старост, на 22 септември 1323 година и после живот во многу трудови се пресели во радоста на својот Господ.
Светиот маченик Фока Градинарот
Тој е сограѓанин на свештеномаченикот Фока. Во Синоп близу Црното Море Фока имаше градина којашто самиот ја обработуваше. Со плодовите на својата градина ги гостеше сите минувачи, а не пропушташе ни да им ја нагости душата со словото Божјо. За него слушна кнезот мачител на христијаните и испрати војници да го убијат. Фока ги нагости војниците толку срдечно, што тие се стеснуваа да го убијат. Но на негова молба тие ја извршија заповедта и му ја отсекоа главата. На тоа место, а врз неговите чудотворни мошти, наскоро е подигнат храм посветен на неговото име. Свети Фока го почитуваат особено морнарите, а го повикуваат на помош сите патници по море. Пострада во 320 година.
Светиот пророк Јона
Живееше повеќе од 800 години пред Христа. Во неговото житие се вели дека тој бил синот на онаа вдовица во Сарепта Сидонска на којашто пророкот Илија ѝ го воскресна синот од мртвите. Со своето тридневно пребивање во утробата на китот Св. Јона е предобраз на тридневното пребивање на Христос во гробот, а со неговото спасение - го изобрази Воскресението на Господ од мртвите. Другото запишано за овој прекрасен пророк треба да се прочита во Книгата на пророкот Јона (Стариот Завет).
Светиот свештеномаченик Фока, епископ Синопски
Од младоста се подвизуваше во сите христијански добродетели. Како епископ во местото на своето раѓање, во градот Синопа на брегот на Црното Море, со пример и со Божествени зборови ги утврди правоверните во верата, а мнозина идолопоклоници ги обрати во вистинитата вера. Закоравените незнабожци се исполнија со гнев кон Свети Фока. Господ му укажа на Фока за неговото маченичко кончание преку едно видение. Имено, тој виде светол гулаб како слетува од небото носејќи во клунот прекрасен венец од цвеќиња и како го спушта врз неговата глава. И чу Фока глас од гулабот: „Твојата чаша се наполни и треба да ја испиеш.“ Од тоа видение Божјиот угодник дозна дека наскоро треба да пострада за Христа. И не се уплаши, туку со благодарност кон Бога се подготвуваше за мачеништвото. Наскоро по ова некој кнез Африкан го подложи Фока на маки, му го испретепа и му го изнарани телото, го остави во затвор, а потоа го фрли во зовриена вода, во којашто храбриот Христов маченик го заврши земниот живот и се пресели во радоста на својот Господ. Пострада во времето на царот Трајан.
Ново на Сител
-
Опожарено возило во Штип
-
Снимка од дворот на Раде Штекли, ова е моментот кога експлодирала бомбата | ВИДЕО
-
УЕФА отвори дисциплинска постапка против репрезентациите на Романија и Косово
-
Владата и банкарите на средба ќе ги прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи парите од унгарскиот заем
-
Посебен режим на сообраќај поради ноќната атлетска трка
-
Експлозии во клучните украински градови во масовен руски ракетен напад
-
Џинпинг вети дека ќе работи со владата на Трамп во неговиот последен разговор со Бајден
-
Во близина на резиденцијата на премиерот на Израел паднале две ракети