Македонија
13. јуни 2022 - 8:17

Денеска е Духовден – Слегување на Духот Свети (Втор ден)

Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Еруса¬лим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител.

На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план.

Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.