Македонија
7. December 2016 - 11:43

Делегација на ПССЕ ќе ги следи изборите во Македонија

Седумнаесетчлена делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 9 до 12 декември ќе престојува во посета на Република Македонија за да го набљудува спроведувањето на предвремените парламентарни избори заедно со набљудувачи од Парламентарното собрание на ОБСЕ, од Европскиот парламент и од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

За време на престојот, делегацијата предводена од членот на ПССЕ од Австрија Штефан Шенах, ќе се сретне со лидери и претставници на политичките партии, со претседателот на Државната изборна комисија, специјалниот обвинител, како и со претставници на меѓународни организации, на граѓанското општество и на медиумите.

Како што информираат од ПССЕ, член на Венецијанската комисија ќе обезбеди правна поддршка на делегацијата за време на посетата.

Делегација на ПССЕ го посети Скопје на 21 и 22 ноември годинава во пресрет на изборите.