Кошарка
31. July 2017 - 14:23

Давитков: Најважно е по 16.август да го постигнеме тоа што го сакаме

Кошаркарската репрезентација на Македонија во среда со натпреварот против Косово ги почнува претквалификациите за Светското првенство 2019. Нашата репрезентација е во групата Ц заедно со селекциите на Косово и на Естонија, а двете првопласирани репреезентации ќе играат во квалификациите за СП. 
Во овие претквалификации играат 13 репрезентации кои се поделени во четири групи, а осум ќе ги продолжат натпреварите во следната фаза.
 
На денешната прес конференција во пресрет на стартот од натпреварите селекторот на Македонија Јорданчо Давитков напомена: 
- Поминаа 40 дена од почетокот на подготовките. Одработевме се што беше потребно. Не сме подготвеми 100 % за натпреварите, но мислам дека со една дополнителна желба која треба да  биде присутна на секој натпревар кај играчите можеме да го постигнеме тоа што го поаскуваме - пласман во квалификациите за СП 2019. Не е важен само првиот натпревар со Косово на гости. Важни се сите дуели за да го оствариме тоа што го сакаме. Најважно ќе биде по дуелот со Естонија на гости на 16 август да бидеме пласирани во квалификациите за СП, изјави селекторот Јорданчо Давитков.
 
За првиот дуел со Косово што се игра во среда на 2.август селекторот истакна:
- Сите знаеме колку е тежок овој натпревар. Ќе има притисоци од сите страни. Салата е веќе распродадена, ќе има притисок од трибините, во многу ќе зависи и каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме. Тие се опасни на домашен терен. Ако во одбраната играме како на контролните дуели во Скопје мислам дека ќе успееме да завршиме голем дел од рабоата. Косово нема дефанзивен капацитет со кој може да ги сопре нашите најдобри играчи. Важно е да бидеме мирни и фокусирани и да не бидеме исфрлени од ритам. Оваа екипа заслужува и поддршка од навивачите и на двата дуела и со Естонија и особено со Косово да не се чуствуваме дека во Скопје играме на гостински терен.
 
Капитенот Војдан Стојановски потенцираше:
- Атмосферата во селекцијата е одлична. Подготвени сме физички и психички, ќе дадеме се од себе да се пласираме во квалификациите за СП. Од разговорите со колегите што играле во Приштина јасно е дека тоа е тежок терен за играње. Но, имаме квалитет и искуство за да одиграме добар натпревар и да стигнеме до победа.
За првиот дуел против Косово селекторот Давитков нема да може да смета на поврдените Бобан Стајиќ и Бојан Крстевски. Натпреварот се игра во среда на 2.август со почеток во 20:15 часот.