Дали има судир на интерес во одлуката на Антикорупциска за назначувањето на Бојан Христовски во АНБ?
СДСМ бара Антикорупциска да ја повлече и преиспита одлуката дека нема ништо спорно во назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ.
Покрај што се спорни сертификатот за познавање англиски јазик и универзитетската диплома, според опозицијата спорно е што членката на ДКСК Цвета Ристовска која реферираше за предметот, истовремено е професорка на истиот факултет што го завршил Христовски. Оваа одлука велат од СДСМ е удар за угледот на Антикорупциската комисија и дамка за нејзината работа.
- Оваа диплома, која самиот Христовски ја пријавил, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за само 1 година. Замислете, наместо 4 за една успеал. Членка на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и ја реферираше одлуката дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на истиот универзитет од каде што е издадена спорната диплома. Овие информации беа јавно достапни и на интеренет страната на Универзитетот и на страната на Државната комисија за спречување на корупција. Но, по објавата на прилозите во медиумите, Универзитетот за туризам и менаџмент ја “избриша” Цвета Ристовска од наставен на интернет страницата. Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
ДКСК не е истражен орган, туку одлуките ги носи врз основа на информации прибавени од надлежните институции, одговорија оттаму.
Дипломата на Христовски е потврдена од Државниот просветен инспекторат, додека утврдување на веродостојноста на сертификатот за познавање англиски јазик е во рацете на јавните обвинители.
Што се однесува до членот на ДКСК Цвета Ристовска, сакаме да укажеме дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет, посочуваат од Антикорупциска.
Сепак ако денеска ја пребарате интернет страницата на Универзитетот за туризан и менаџмент Скопје, името на Цвета Ристовска се појавува на листата асистенти на универзитетот.
Комисијата во вторникот го затвори предметот кој во октомври годинава го отвори по анонимна претставка дека Христовски е незаконски именуван за прв човек на Агенцијата за националан безбедност. Утврдија дека неговиот сертификат за познавање англиски јазик кој предизвика бројни реакции во јавноста е валиден, но се оградија од неговата веродостојност.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар