Бизнис
12. November 2019 - 18:50

Царовска: Голем број фирми отворени со грант во 2018 опстојуваат и покажуваат одржливост на пазарот

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во Тетово посети три бизниси кои од 2018 година користат мерки од Оперативниот план за зголемување на вработеноста.

Таа разговараше со сопственикот на пекарата „Римини“, Муми Нухиу корисник на грант за основање бизнис и дополнително вработување.

– Финансиска поддршка при вработување на мали компании е основа за развој и затоа преку оперативните мерки државата инвестира во поттикнување на мали бизниси. Само во оваа година 330 лица во Полошко основаа бизниси, а само во Тетово 221. Овој бизнис, пекарата како и другите два, графички дизајнер и фризер се корисници на грант од 2018 и со тоа се покажува дека се одржливи и даваат резултати, рече Царовска.

– Користам грант од 5.000 евра, се вработивме јас и сопругата. Со парите набавивме опрема за работа, кафемат, столици и друг инвентар. На пролет се надевам на уште едно вработување, изјави Нухиу.

Годината што изминува бележи рекордни бројки на искористеност на мерките, велат од Агенцијата за вработување.

– Агенцијата за вработување и оваа 2019 година успешно реализира мерки и политики за вработување, со партнерите од невладиниот сектори и УНДП. Во дел самовработување во 2019 бележиме најголем број апликации и најголем број потпишани договори, а кон граѓаните со тоа се пласирани осум милиони евра за отворање семејни и мали бизниси, изјави директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска.

Претставничката на Организацијата на Обединетите Нации за меѓународен развој (УНДП), Сања Бојанчич посочи дека веќе 12 години оваа агенција на светската организација им помага на претприемачите во државата.

– Во нашата работа е убаво кога ќе видите резултати и задоволни лица и реализирање на бизнис во услови кои не се лесни да се работи. Ние даваме поддршка, но нивниот труд  и самодоверба се клучни за успешноста, рече Бојанчич.