Македонија
21. јуни 2023 - 12:10

Бугарските здруженија повикуваат: Пишете се Бугари за 250 денари

Ако оние Македонци кои сега поседуваат бугарски пасоши требаше својата „бугарска самосвест“ да ја докажуваат со тоа што во Бугарската амбасада ќе приложат документи (служење војска, свидетелства, крштеници…) дека (пра)бабите и (пра)дедовците им биле „Бугари“, сега таа процедура станува прилично едноставна.

Сега, за Македонците коишто сакаат да започнат процедура за вадење бугарски пасоши е доволно само во графата за етничка припадност во изводот на родените да напишат дека се Бугари и за сето тоа ќе платат само 250 денари.

Вака бугарските организации и здруженија ги толкуваат измените во упатството за водење на матичните книги и документација, според кои, по ново, ќе има и графа за етничка припадност.

Според министерот за правда, Кренар Лога, пак, со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ, а за секоја можна злоупотреба на етничката припадност во постапка на вработување по етничкиот балансер ќе може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.

Но, очигледно, членовите на бугарското здружение „Фондација Македонија“ од Софија мислат поинаку:

„Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари“, објавија од Фондацијата.