Балкан
9. February 2024 - 12:15

Брнабиќ: Србија ќе добие нова влада до средината или крајот на март

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска дека верува оти новата влада ќе биде конституирана до средината или крајот на март, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа потсети дека во вторникот е одржана конститутивната седница на српскиот парламент и дека роковите почнале да течат, т. е. рокот е 90 дена. -Верувам дека брзо ќе ги формираме сите институции.

Србија има многу работа. Мораме да продолжиме да работиме. Верувам дека владата ќе биде конституирана до средината или крајот на март за да можеме да продолжиме со работа, изјави Брнабиќ на РТС.

На прашањето каде ја гледа својата позиција во новата влада, Брнабиќ одговори „ќе видиме“. -Најмалку важно е каде е кој лично.

Важно е луѓето да се борат, да ја сакаат својата земја и да веруваат во неа и во потенцијалот на својот народ, да бранат се што ни оставиле нашите предци за да го зачуваат за нашите потомци, рече Брнабиќ.

Таа изјави дека нема намера да разговара со никого по усвојувањето на резолуцијата на Европскиот парламент за изборите во Србија и дека ќе поднесе оставка доколку некој од неа побара меѓународна истрага.

-Немам намера да разговарам со никого по усвојувањето на таа резолуција.

Би сакала да видам некој да дојде и да ми побара меѓународна истрага, да јас како премиер, макар и во технички мандат, дозволам меѓународна истрага во сопствената земја, верувајте, во тој момент би поднела оставка ако некој го побара тоа, изјави Брнабиќ за РТС.

Таа оцени дека претседателот на Србија Александар Вучиќ на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации јасно и аргументирал посочил дека тоа што премиерот на Косово Албин Курти му го прави на српскиот народ во Косово е злосторство против човештвото.