Свет
15. September 2016 - 18:50

Британија и Аргентина договорија соработка за потикнување на развојот на Фокландите

Владите на Велика Британија и на Аргентина се договорија за соработка и за заедничко работење во потикнувањето на развојот на Фокландските Острови.

Лондонските весници пишуваат дека станува збор за договор со кои се предвидува унапредување на трговските врски на Островите со континетот и со Аргентина, за заедничко работење во трагањето по гас и нафта на морското дно и за укинување на санкциите за Фокландите, што претходно ги воведе Буенос Аирес.

Со договорената соработка, се предвидува и интензивирање на работата на идентификација на аргентинските војници кои загинаа и се погребени на Фокландските Острови, во 72-дневната Аргентинско-британска војна во 1982 година.

Војната избувна откако Велика Британија одлучи да ги протера аргентинските војнци од Островите, што тие ги зазедоа оправдувајќи ја инвазијата со „природната припадност“ на Фокландите кон аргентинската територија.

Во војната загинаа околу илјада лица на двете страни, а британската армија успеа да ги порази Аргентинците, но Буенос Аирес и натаму тврди дека островите се аргентински, иако тие никогаш досега не биле дел од државата Аргентина, уште од стекнувањето на нејзината независност.

Претходниот претседател Кристина Фернандез де Кирхнер во рамките на својата популистичка политика покрена меѓународна кампања за да ја натера Велика Британија да прифати разговори за „деколонизација“.

Официјален Лондон ги отфрли сите такви барања, објаснувајќи дека Фокландите не се колонија, туку прекуморска британска територија со широка локална автономија и самоуправа.

Владата на Кирхнер воведе блокада и санкции кон Островите, прекинувајќи ги поморските и воздушните врски и забранувајќи бродови кои патуваат кон Порт Стенли, админстративниот центар на Фокландите да запираат во аргентинските пристаништа.

Новиот претседател на Аргентина, Маурисо Макри ја запре антибританската реторика и кампања и настојува да ги подообри односите со Лондон.

Неодамна, Макри предложи и преговори во ОН „на високо ниво“ за сувереноста на Фокландите, што во Аргентина се нарекуваат Малвински Острови, но британскиот Форин Офис соопшти дека сувереноста не е дел од договорот што го постигнаа двете земји.

Висок британски дипломат за лондонски „Тајмс“ изјави дека Велика Британија продолжува да им дава подршка на островјаните кои сакаат и натаму да останат британски државјани, а островите британска прекуморска територија.