Бомбашот од Њујорк обвинет за поддршка на тероризмот
Против 27-годишниот Акајед Улах, кој вчера се обиде да изврши напад со рачно изработена бомба на една од најпрометните метро станици во Њујорк, денеска се покренати обвиненија по три основи, соопшти њујоршката полиција.
Улах е обвинет за поддршка на тероризмот, за терористичка закана и за нелегално поседување оружје.
Се очекува подоцна против Улах да бидат покренати и федерални обвиненија.
Улах, беше единствениот повреден во експлозијата на бомбата, а уште три до четири лица побарале лекарска помош од повреди што ги здобиле при општата паника која настанала во подземниот тунел меѓу метро станиците Тајмс Сквер и Порт Ауторити.
Според Си-Би-Ес, Улах носел две експлозивни направи, од кои едната била прицврстена на неговото тело. Едната од бомбите делумно експлодирала додека бомбашот ја носел, нанесувајќи му тешки повреди.
Полициските тимови успеале да ја отстранат другата експлозивна направа од неговото тело, по што му била укажана лекарска помош.
Поранешниот полициски комесар на Њујорк, Бил Братон изјави дека, според неговите извори, се работи за исламист кој сакал да изврши напад во Њујорк пред Божиќ во име на групата Исламска држава (ИД). Улах живеел во САД од пред седум години.
Инцидентот се случил во 7:30 часот по локално време (13:30 часот по средноевропско време) во екот на утринскиот сообраќаен метеж. Двете метро станици се поврзани со подземен пешачки тунел и очевидци велат дека патниците сами почнале да бегаат штом ја слушнале силната експлозија.
Стотици луѓе на социјалните мрежи објавија дека се случило вистинско стампедо по експлозијата, додека патниците брзале што поскоро да го напуштат подземниот тунел и метро станиците.
Американскиот претседател Доналд Трамп и градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио биле брифирани со досега познатите информации за инцидентот.
Градоначалникот де Бласио потврди дека инцидентот претставувал обид за терористички напад и рече дека напаѓачот дејствувал сам, без помагачи.
- Нашите животи се вртат околу метрото. Изборот да го нападне Њујорк секогаш е воден од причината што ние сме светилник за светот. И ние покажуваме дека сме успешно општество на луѓе од разни вери и заедници. Терористите сакаат да го поткопаат токму тоа. Затоа го напаѓаат Њујорк, изјави Де Бласио.
Ново на Сител
-
Цените на нафтата минатата недела нагло се намалија по прекинот на огнот меѓу Израел и Иран
-
Трамп: Има група многу богати луѓе кои би го купиле ТикТок
-
Нетанјаху: Војната со Иран создаде можност за враќање на заложниците од Газа
-
9-годишно девојче со потекло од Македонија се удавило во река во Италија
-
Второ пријавување за упис во средните училишта, слободни над 16 000 места
-
Еврокомесарката Марта Кос во посета на земјава, денеска и утре лидерска средба ЕУ - Западен Балкан
-
Трамп: Иранците не знаеја дека доаѓаме
-
Сончево и ветровито со температура до 37 степени