Билатерални средби на Мицкоски во Велика Британија: Главен приоритет на Владата се добрососедските односи
На Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство, премиерот Христијан Мицкоски имал повеќе билатерални средби, меѓу кои и со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија.
Како што вели во видеоизјава, се сретнал со државници од регионот и соседството - со претседателите на Србија, Црна Гора и Бугарија - Александар Вучиќ, Јаков Милатовиќ и Румен Радев, и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. На сите овие средби, вели Мицкоски, имал можност да разговара за предизвиците за регионот и за приоритетите на македонската Влада.
-Главен приоритет на Македонија и на новата македонската Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед. Понатаму би ги потенцирал средбите коишто ги имав со претседателот Зеленски, но и претседателот на Европскиот совет, Мишел, каде што јасно ги презентирав и ги претставив позициите на новата македонска влада, вели Мицкоски во изјавата што ја пренесува владината прес-служба.
Од учеството на Самитот тој го издвојува и своето обраќање на тркалезната маса на еден од панелите каде што се осврнал на предизвиците во енергетиката, регионалното поврзување, но и она што претставува интерес на нашата земја.
-А тоа претставува практично и регионално поврзување, тоа претставува и предизвик за навремено и одржливо снабдување на сите потрошувачи на енергенси, меѓу кои би го издвоил гасот и електричната енергија. Главен интерес на Македонија како држава е да биде земја низ која ќе транзитираат главните енергенси со којашто ќе се снабдува Централна Европа, вели Мицкоски.
На крајот од видеоизјавата премиерот додава „се враќаме назад со добри впечатоци и со она кое што претставува достоинствено претставување на македонските интереси овде, во Оксфорд, Велика Британија“.
Ново на Сител
-
Шест лица повредени во Колорадо од Молотови коктели, ФБИ смета дека е терористички чин | ВИДЕО
-
Аналена Бербок денеска се избира за претседателка на Генералното собрание на ОН
-
Алкараз победи на 100 натпревари во 119 натпревари на земја - само Надал го направи тоа побрзо
-
Приведени дрвокрадци од скопско | ФОТО
-
Влада: Оперативниот план за вработување за 2025 година зголемен за 7,5 милиони евра
-
Државниот завод за статистика со свечена академија ќе одбележи 80 години постоење
-
Седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата
-
Украина и Русија денеска во Истанбул на втора рунда преговори за прекин на огнот