Македонија
8. July 2016 - 10:05

Безак: Кризата трае предолго

Кризата трае премногу долго. Се согласувам со тезата дека се работи за спиралата на кризите и секоја следна е уште подлабока од претходната. На ова треба да се стави крај бидејќи има негативни последици за државата и за животот на граѓаните, како и за процесот на интеграција на вашата земја во ЕУ. Политичарите доаѓаат и заминуваат, но државата и граѓаните остануваат, вели во интервју за МИА Мартинј Безак амбасадорот на Република Словачка која од 1 јули го презеде претседавањето со Советот на ЕУ 

Според него, некои негативни последици од кризата веќе се видливи и присутни.

- Прв сигнал беше дека за вашата земја се дискутираше на Советот на ЕУ за надворешна политика и тоа е веќе сигнал бидејќи темата за проширување на ЕУ по правило се дискутира на Советот на ЕУ за општи работи, додека на Советот на ЕУ за надворешна политика се дебатира за теми како конфликтот на Блискиот Исток, иранската атомска програма, субсахарска Африка... Значи, ова е веќе прв сигнал. Вториот сигнал скоро дојде, а тоа е суспензијата на дел од финансиските средства од фондот за претпристапна помош т.н. ИПА фонд. Без оглед дали тоа го нарекуваме суспензија или кратење или санкција, суштината е дека тоа е негативен сигнал. Сигурно, тоа не е награда. Јас сега не би сакал да шпекулирам што ќе биде понатаму, кои рестриктивни мерки би можеле евентуално да бидат применети, во секој случај треба да се тргне од оваа мртва точка и да се разреши оваа криза бидејќи, ќе повторам, има негативно влијание врз граѓаните и на државата во нејзината европска перспектива., вели Безак.

Запрашан дали Словачка како нов претседавач со ЕУ би се вклучила поактивно во решавањето на политичката криза во Македонија, Безак вели дека во тој процес ќе ги поддржат напорите и активностите на Делегацијата на ЕУ.

- По усогласувањата со Лисабонскиот договор и креирањето на Европската служба за надворешна акција, се создаде нова правна рамка. Имаме делегации на ЕУ кои се во трети земји, исто така и во Скопје. Ја имаме и високата претставничка за европска надворешна и безбедносна политика г-ѓа Могерини. Значи, главната улога во сегментот на надворешната и безбедносната политика на Европската унија ја исполнува оваа служба и нејзината делегација. Претседателството во Советот на ЕУ вака ја исполнува функцијата на поддршка. Во оваа смисла ние и ќе дејствуваме во текот на нашето претседателство. Значи, ќе ги поддржуваме напорите и активностите на Делегацијата на ЕУ во контекст на решавање на политичката криза во вашата држава, истакнува амбасадорот Безак.

Во однос на тоа дали е можен поголем ангажман на ЕУ и на меѓународната заедница за решавање на прашањето за името поради кое Македонија и покрај седум препораки и натаму е блокирана од една земја членка поради тој спор, словачкиот амбасадор со став дека решението мора да дојде од Скопје и Атина.

- Ова прашање е отворено веќе 25 години и ја оптоварува веќе и втората генерација на политичари и граѓани и наскоро ќе ја оптоварува  третата. Вашата земја со својот јужен сосед ја има склучено Времената спогодба од 1995 година со која е дефинирана рамката во која ќе се преговара, тоа се Обединетите нации каде има и медијатор и тој процес е процес кој трае. За жал, тој процес не носи посакувани резултати. Оваа пат ситуација или статус кво трае премногу долго. И повторно, ЕУ може да помогне и помага, меѓутоа разрешницата не е во Брисел или во Братислава во ова полугодие, разрешницата е во Скопје и во Атина. И овде мора да дојде до некој компромис, а компромис значи состојба кога ниту една страна во спорот не е задоволна во целост. Компромисот не бара само политичка волја, кога не секој политичар е и државник. Значи, пристапот мора да биде навистина државнички. Личните и партиските интереси се на страна, а интересите на државата и на граѓаните се главни бидејќи граѓаните заслужуваат подобра иднина, вели амбасадорот Безак во интервјуто за МИА.