Без мотор и со делови од други возила - министерското БМВ на Груби пронајдено во сервис во Куманово
Без мотор, со сменети врати од други возила, без браник- вака службениците од министерството за односи помеѓу заедниците го пронајдоа БМВ-то кое недостигаше во министерството, во сервис во Куманово. Министерот Стоилковиќ, претходно кажа дека автомобилот наликувал на искубана кокошка, а денеска испрати слики како го пронашле во кумановскиот сервис. Ресорното министерство кога со него раководеше Груби, имало склучено договор со сервисот Ауто Лакер Буњо дооел, дека таму ќе ги сервирисаат службените возила. БМВ-то вредно околу 50.000 евра било однесено на поправка и требало да му се смени мотор. Но Груби не ја одобрил поправката, договорот истекол, а автомобилот останал во сервисот.
Возилото беше однесено во овластениот сервис во текот на важност на првиот склучен договор помешу договорените страни, од каде е констатиран сериозен дефект. По завршување на проверката и дијагностиката на возилото, утврдено е дека моторот е блокиран и дека треба да се замени со нов мотор. За состојбата беше известен кабинетот и поранешниот министер. Поради тоа што министерот не одобри сервисирање на возилото, истото не беше сервисирано и остана во просториите на носителот на набавката, стои во извештајот на административните службеници од министерството за односи меѓу заедниците.
Службениците по барање на министерот Стоилковиќ неколку месеци го контактирале сервисот да си го земат назад возилото во министерството, но неуспешно. Затоа сами отишле во Куманово но БМВ-то го пронашле без делови, а некои биле и променети.
Договорот со сервисот истекол во мај минатата година. Случајот го истражува Министерството за внатрешни работи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар