Македонија
28. јуни 2017 - 14:07

Бетел: Од политички причини ве нарекуваме „земјата со главен град Скопје“

Претседателот на Владата на Големото војводство Луксембург, Ксавиер Бетел, синоќа на редовната годишна прес-конференција со делегација на новинари-дописници од Брисел, а која се одржа во неговата држава, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА од Брисел, откри зошто најголем дел од европските челници и првите луѓе на Европската унија ја ословуваат македонската држава со „Скопје“ наместо со „Република Македонија“ или со целосната референца под која земјата е примена во Обединетите нации.

Говорејќи за мигрантското прашање и дали Унијата ќе побара сместување на подголг рок и на поголем број од емигрантите и во Македонија и останатите не-ЕУ земји на Балканот, премиерот на Луксембург рече: - Не сме имале официјални дискусии за сместување на емигранти во Скопје. Знаете, поради политички причини мораме да велиме „земјата со главен град Скопје“.

Според првиот човек на овaa европска држава која е една од основачите на ЕУ, на Самитот на Европскиот совет се дискутирало единствено за тоа дека „Балканот треба да ја сподели одговорноста со програмот за бегалци на Европската унија“.
 
- Сепак, немаме некаков официјален документ, само дискусијата за поделена одговорност. Но, тоа е она што го разговаравме на првиот ден од Самитот на Европскиот совет на 22 јуни, додека јас не присуствував на вториот ден од Самитот (н.з. 23 јули), иако не верувам дека се разговарало за тоа, што ми го потврди и мојот претставник на вториот ден од Самитот на Европскиот совет, додаде Бетел.
 
Сепак, и покрај ваквото тврдење на луксембуршкиот премиер, според интер-институционалниот водич за институциите на Европската унија од 2011 година, а во кој спаѓа и Европскиот совет чиј член е самиот Бетел, именувањето на Република Македонија треба единствено да се прави со референцата „поранешна југословенска Република Македонија„ и како што се наведува „никако поинаку“, при што исто така е посочено дека „треба да се избегнува и користење на акронимот ПЈРМ“.
 
Во однсо на мигрантското прашање и идејата за сместување на голема бројка на истите од Грција во Македонија и Србија за подолг престој, токму еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос, пред три недели во Стразбур посочи дека „Брисел ќе започне преговори со новата македонска Влада“ за ова прашање.