Свет
12. August 2016 - 15:56

Анкетите предвидуваат неуспех на ЦДУ на Меркел на регионалните избори во септември

Партијата на германскиот канцелар Ангела Меркел, Христијандемократската унија, може да претрпи неуспех на регионалните избори во две германски провинции во септември. Истовремено, на изборите ќе се зголеми поддршката за партијата „Алтернатива за Германија“ (АзГ) , покажуваат денеска објавените резултати од анкетите, цитирани од ДПА.

Истражувањето за весникот „Билд“, што е спроведено од Институтот ИНСА, покажува дека социјалдемократите и натаму ќе бидат најголемата партија во провинциите Мекленбург-Предна Померанија и Берлин.

Во истражувањето, меѓутоа, се истакнува и зголемување на поддршката за партијата која се противи на странците во земјата „АзГ“, по драматичното зголемување на бегалците во Германија.

Доколку оваа партија постигне успех на изборите во Мекленбург-Предна Померанија и Берлин, тоа ќе значи дека таа ќе биде претставена во парламентите на десет од 16-те германски провинции, забележува ДПА.