Македонија
12. May 2016 - 13:20

Анкета „Павел Шатев“: Поголем дел од граѓаните немаат доверба во СЈО

Поголем дел од граѓаните во Македонија немаат доверба во работата на Специјалното јавно обвинителство и имаат негативно мислење за специјалната обвинителка Катица Јанева, покажува телефонската анкета на Институтот „Павел Шатев“ спроведена во периодот од 6 до 8 мај.

Од вкупно 1.070 испитаници, на прашањето дали имаат доверба во работата на Специјалното јавно обвинителство негативно одговориле 60 проценти, а 25,2 проценти се изјасниле дека му веруваат на ова Обвинителство.

Над 60 проценти имаат негативно мислење за специјалната обвинителка Катица Јанева, а 21,7 проценти имаат доверба во неа.

Поголем процент, односно 54,4 проценти од испитаниците исто така сметаат дека меѓунардоната заедница со своите постапки само ја продлабочува политичката криза во државата, а за 21,1 процент меѓународната заедница придонесува за изнаоѓање на решение.

Во истражувањето биле опфатени сите шест изборни единици. Од Институтот „Павел Шатев“ појаснуваат дека со оглед на тоа дека целта на анкетата била да се дознаат перцепциите на граѓаните кои во најголем дел гласаат за двете најголеми партии во Македонија, односно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во истражувањето не биле вклучени испитаницте Албанци бидејќи тие генерално гласаат за етничките албански партии.