Бизнис
28. August 2017 - 17:18

Анѓушев: Идејата за економско обединување на Балканот добра, македонската економија може да оствари бенефин

Идејата за економско обединување на Балканот е добра, оцени вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој денеска присуствуаше на свеченоста на Денот на рударите во рудникот за бакар „Бучим“ во Радовиш.

-Тоа е идеја како ние да ги спречиме административните бариери за соработка меѓу државите. Притоа треба сите да ги разгледаме сопствените гледишта во таквата соработка и мислам дека преку еден конструктивен разговор со сите наши соседи и со целокупниот регион македонската економија може да оствари бенефит од таквата мерка. Само треба да бидеме внимателни и да ги следиме случувањата и во истите активно да се вклучиме и да партиципираме. Онака Македонија изолирана, издвоена како што била досега апсолутно немала можност да влијае на ништо. Македонија интегрирана и во добри односи со соседите има можност да влијае на се и да си ги штити своите интереси, рече Анѓушев.

Прашан дали стопанствениците ќе ја почитуваат новата владина мерка за зголемување на минималната плата и дали таа ќе влијае за да се намали недостатокот од квалификувана работна сила во источниот регион во земјава, Анѓушев одговори дека тој како вицепремиер, но и целокупната Влада ќе се залага за зголемување на животниот стандард на граѓаните.

- Мислам дека сте сведоци на сите наши настапи каде што апелираме на сите стопанственици на претпријатијата во РМ да имаат малку позитивен пристап кон покачувањето на платите на вработените, па во таа смисла е и мерката за минимална плата, а идејата е континуирано да расте. Секако тоа се малку средства за да може убаво да се живее, меѓутоа тоа се секако повеќе средства од тоа што досега се земало. Она што можам да ви го кажам е дека покрај со оваа мерка за минимална плата покачувањето на платите во РМ ќе биде стимулирано и со пакетот мерки за индустријата што ќе бидат објавени во септември, па ќе видите дека практично целокупната државна помош која што ќе биде давана кон индустријата и стопанството за подигнување на неговата конкурентност ќе биде поврзана со висината на платите на вработените. Сметаме дека со тие мерки ќе отвориме една позитивна дополнителна спирала за покачување на платата, а со самото тоа и за подигнување на стандардот на граѓаните на РМ, рече Анѓушев.