Амандманската расправа за законот за јазиците продолжува утре
Амандманската расправа за Предлог-законот за употреба на јазиците ќе продолжи утре во 13:00 часот, соопшти вечерва собраниската Комисија за европски прашања.
Расправата почна денеска, а претседателот на Комисијата Артан Груби најави дека за амандманите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе се расправа на 25 декември, кога ќе биде третиот и последен ден за расправа по амандманите. Во вечерашното соопштение се наведува дека, сепак, третиот ден од амандамнската расправа ќе се одржи утре.
На денешното продолжение министерот за правда Билен Саљији одби еден од амандманите на Беса. Седницата на Комисијата беше прекината откако претседателот на Комисијата Груби не им даде можност за процедурална забелешка на пратениците од Беса, по одбивање на амандманот, туку зема збор по што пратениците од оваа партија почнаа да тропаат по собраниските клупи. Фадил Зендели излезе на говорницата и се обиде да го надвика Груби, по што седницата беше прекината.
Груби, пак, во изјава за медиумите кажа дека седницата нема да продолжи бидејќи не се создадени услови за продолжување на амандманската расправа, и дека пратениците на Беса покажале непознавање на собранискиот Деловник.
Фадил Зендели од Беса го обвини Груби дека организирал манипулации за оневозможување на реална дебата по однос на предлог-законот и не дозволил да го образложат поднесениот амандман што беше одбиен.
- Почна да се дава збор на други пратеници. Ако добро го слушавте претседателот на комисијата самиот кажа дека овие дебати ќе бидат неограничени само за да се оневозможи реална дебата по однос на предложените амандмани. Оваа манипулација нашите пратеници не можеа да ја дозволат и затоа ние изреагиравме и баравме и процедурално, затоа што Деловникот на Собранието не беше почитуван. Но, ние со демократски средства го покажавме нашето незадоволство, рече Зендели.
Претходно на седницата Груби кажа дека амандманската расправа ќе ја закаже на 25 декември за да и се даде можност на опозицијата да дискутира за амандманите. Со законот за јазици, според Груби се затвора едно прашање од Рамковниот договор, а тие (ВМРО-ДПМНЕ) се негови потписници.
Пратениците од опозицијата, како што најавија, не присуствуваат на седницата на Комисијата, а се очекува тие да се вклучат во работата на Парламентот по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, предвиден за 23 декември.
Најголем дел од 90. амандмани за Предлог-законот за употреба на јазиците, 84 има поднесено ВМРО-ДПМНЕ, 4 СДСМ и 2 БЕСА
Ново на Сител
-
Со пакет од четири закони до департизација на јавниот сектор
-
Здравството пред колапс - Инфективна без доволно кадар
-
Дали дијабетичарите ќе останат без терапија?
-
Град Скопје ја објави програмата за Нова Година
-
Хуманитарна акција
-
Преглед на вестите од светот
-
СДСМ: Да се повлече законот за основно образование
-
МВР ги претставува резултатите од сработеното