Македонија
2. November 2017 - 11:47

„Алкалоид“ со раст на продажбите, нето добивката и 92 нови вработувања

„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – септември 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех, соопштија од компанијата.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември, како што се наведува, продажбите достигнуваат 5.143.210.986 денари, што е за седум отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 978.094.733 денари, бележи зголемување од околу девет отсто, единечната нето добивка изнесува 565.185.770 денари и е зголемена за осум отсто.

Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.646.641.001 денари, што е за осум отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за шест отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за девет отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 39 отсто се остварени на домашен пазар, додека 61 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени седум отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на останатите пазари се остварени еден отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 172.632.553 денари што претставува зголемување за 15 пати и Унгарија со продажби од 23.977.965 денари што претставува зголемување за 10 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Хрватска раст од девет отсто, Романија раст од 69 отсто, Словенија раст од 13 отсто, Русија раст од пет отсто, Украина раст од 36 отсто, Црна Гора раст од 10 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 13 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со три отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со три отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.018.511.003 денари бележи раст од 11 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 553.940.330 денари е зголемена за девет отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - септември 2017 година изнесуваат 518.373.970 денари.

Во периодот јануари - септември 2017 година во Алкалоид се реализирани 92 нови вработувања во Република Македонија, стои во соопштението од компанијата.