Македонија
3. March 2025 - 17:22

Сијарто: Унгарија и Северна Македонија го поддржуваат мирот во Украина што може да се постигне само со американско-руски договор

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја за зачленување на ЕУ, но исто така нагласи и дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.   

- Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД, рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта. 

Потенцира дека враќањето на мирот не е во интерес само на Северна Македонија и на Унгарија, туку на сите бидејќи, како што рече, зајакнувањето на економијата на државите и на ЕУ зависи од мирот и од проширувањето на ЕУ во правец кон Западен Балкан.

- ЕУ има потреба од свежа сила и тоа може да дојде само од Западниот Балкан, рече Сијарто, кој смета дека во моментов поголем е интересот на ЕУ за зачленување на некои држави отколку на самите држави.  

Обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат и дека ова придонесува за уривање на довербата на земјите од Западен Балкан“.

Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, посочи Сијарто, нагласувајќи дека овој принцип треба да се применува кон сите.

- Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор, рече шефот на унгарската дипломатија.  

Сијарто рече дека имаме сјајна шанса за иднината „бидејќи благодарение на измените на другата страна на Атлантикот, сега се зголемува шансата за враќање на мирот во Европа“.

- Но, за жал има и сили кои се обидуваат се да направат и да го спречат мировниот договор на претседателот Трамп, рече тој на прес-конференцијата.  

Зборувајќи за Самитот на лидерите на ЕУ во Лондон, унгарскиот министер за надворешни работи рече дека осум членки на Унијата одлучиле да ја продолжат војната во Украина.

Министрите Муцунски и Сијарто попладнево во Будимпешта потпишаа акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика. Ова претставува вовед во унгарско-македонската меѓувладина седница, која завршува утре со прес-конференција на премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Во македонската делегација се десет министри и двајца заменици министри.