Македонија
17. July 2024 - 16:49

Активни пожари низ државата, најкритично на Серта

Осми ден борба со пожарот на Серта. Линијата на огнот се простира на десетици километри и повеќе десетина краци. Гори буквално секаде, а нема друга опција за гасење освен од воздух.

Огнот стигна и до атарот на селото Калањево. Селото е непристапно и дотаму може да се качи само со теренско возило. Дел од силите беа распоредени во тој дел за да ги спасат објектите.

-Пожарот е распространец на повеќе од 30 краци низ целата планина и буквално чади од секаде. Теренот воопшто не е пристапен и единствен начин за да се изгасне пожарот е од воздух. Силиуте на терен не можат да направат ништо друго освен да спречат огнот да се префрла од едната на другата страна на патот Неготино – Штип.

Први кои ги забележавме беа екипите на „Македонијапат“. Нивната задача беше да ја отстранат вегетацијата која се наоѓа непосредно до регионалниот пат, за да спречат огнот да се префрла од едната на другата страна.

Распоредени се повеќе 100 припадници на противпожарната единица од Неготино, Армијата и полицијата. Но и тие не можат да многу, освен да се обидат да го контролираат. До огнената линија се стигнува само пеш, и тоа принудени се одат и по час и половина за да стигнат до пламените јазици.

Воздушна поддршка денеска не добија. Нашите авиони и хеликоптери, како и тие кои пристигнаа како помош се распоредени на другите пожари ширум државата.

И екипа на Итната медицинска помош е поставена на самиот пат. Досега немало посериозни интервенции, но дел од припадниците во изминатите денови барале кислород и се жалеле на исцрпеност. Пожарникарите од Неготино, вчера вечерта на терен биле до 2 часот по полноќ. Се вратиле дома кратко за да одморат, и веќе во 4:30 часот изутрината повторно се вратиле на Серта.

Цели осум дена непрекинато гори на Серта. Поради критичната состојба патот Неготино – Штип е затворен за сите освен за возилата на службите кои мака мачат да го стават огнот под контрола.