Македонија
7. August 2017 - 0:29

Активни неколку пожари во Македонија

Активни се неколку пожари на подрачјето на општината Македонски Брод. Во атарот на село Брест месност викана Фојник гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка и пожарот е под контрола, соопшти денеска Ценатрот за управување со кризи (ЦУК). 

Под контрола е пожарот во атарот на село Могилец, каде гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка. Пожарот може да биде пренесен во атарот на село Калуѓерец, каде гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка и постои опасност од загрозување на селото. Пожарот се шири кон атарот на село Модриште каде гори сува трева и ниско стеблеста шума, но нема опасност од префрлање на пожарот кон населеното место Модриште поради природната препрека од реката Треска.

Во атарот на село Локвица, месност викана Видуш гори сува трева, а на одделни места смрека.

Во атарот на село Волче. месност викана Ќафа, по течението на река Волчица и во подножјето на месноста викана Челадар во правец на село Волче гори дабова шума, сува трева, лисна постилка и смрека. Пожарот постепено се шири од месноста викана Сува Гора кон населеното место Волче.

Како што информира ЦУК, во гаснењето на пожарите во моментот ангажирани се: АРМ (за пожарот во Брес, кои се лоцирани во атарот на село Требовље), ЈП „Македонски Шуми“- Македонски Брод, Територијалната противпожарна единица од Македонски Брод и ЈП „Македонски шуми“ од Кавадарци, кои се ангажирани за селата Могилец и Калуѓерец, ЈП „Македонски шуми“-Македонски Брод за село Локвица и месното население од Волче.

- Во моментов пожарите се под контрола, но поради високите температури во текот на денешниот ден не се исклучува можноста од нивно проширување, информира ЦУК. 

Се уште е активен пожарот во атарот на селото Дреново, во месноста Дреновска Корија, општина Чашка. Пожарот, кој е активен во шумскиот дел, зафатил дабова шума, јасен и бука. За гасење на пожарот ангажирани се Шумското стопанство „Бабуна“, ДЗС и два хеликоптери на АРМ.

- Со дејствувањето од воздух успешно е изгасен пожарот во карпестиот предел. На теренот се изработени пресеки за спречување на понатамошно ширење на пожарот, информира ЦУК.

Пожарот во атарот на село Богомила, месност Бела Вода, општина Чашка е ставен под контрола. Се гледаат поедини задимувања од заостанати трупци внатре во жариштето. 

Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење. Северозападно од село Горно Јаболчиште во месноста Диков Гроб на патот кон Горно Бегово, околу 14,42 часот појавен е нов пожар. Опожарена е површина со низок бор (кривул).

Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, во атарот на село Человец, општина Демир Капија појавен е пожар на тешко пристапен терен, со кој е зафатена нискостеблеста шума и прнар.За гасење на пожарот денеска ангажирани се пожарникари и вработени во Шумското стопанство „Демир Капија“. Според последните информации во 16 часот пожарот е ставен под контрола. Екипите се на терен и ја контролираат опожарената површина.

На тромеѓето меѓу селата Гудјаково-Дрен и Галиште во месноста Галишки Осој, општна Кавадарци преминат е пожарот од село Дрен, општина Прилеп. Пожарот се шири од четири места и може да навлезе во старо сечиште. Ангажирани се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување од Прилеп, Територијалната противпожарна едница Прилеп, лица од ловиште Кавадарци и вработени во Шумското стопанство „Бор“ од Кавадарци.

Пожарот кај браната Матка се уште чади, односно се гледа пламен на непристапен терен-срт (карпест дел), кој се наоѓа блиску до браната. Пожарот нема можност за ширење.

Се уште е активен пожарот во атарот на село Градовци, каде гори мешана шума. На терен интервенираат екипи на Бригадата за противпожарна заштита и ДЗС.

Појавени се два пожари на патот за селото Света Петка, општина Сопиште, каде е зафатена густа шума, на непристапен терен. 

Пожар има во пределот од село Никиштани кон село Грачани од десна страна на патот, на непристапен терен. 

Појавен е пожар во пределот на месноста викана Дуња, оддалечена на 30-40 километри од последното село Алдинци. Пожарот е на непристапен терен. 

Попладнево повторно се појавил пожар во Долно Количани. За гасење на се испратени екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

- Моменталната состојба со останатите пожари кои беа активни вчера на територијата на Град Скопје се локализирани. Луѓето кои се на терен ја следат состојбата, соопшти ЦУК.

Локализиран е пожарот во атарот на село Подвис, каде горела нискостеблеста деградирана шума.

Пожарот во атарот на селата Дрен, Смолани и Радобил, општина Прилеп е активен. Гори нискостеблеста дабова шума, чалија, смрека... Пожарот се шири во еден правец кон Дрен, и во друг кон Гуѓаково и кон Галиште (Кавадаречко). На терен интервенираат вработени од ЈП „Македонски шуми“ - Прилеп и Територијалната противпожарна Прилеп.  

За гасење на пожарот кај село Гургурница се очекува да бидат вклучени авиони или хеликоптери. На терен дејствуваат пожарникари.

Пожарот во атарот на село Корито, општина Гостивар е се уште активен. Зафатена е површина со сува трева и пасишта и нискостеблести џбунести растенија со тенденција на проширување и зафакање на високостеблести растенија. Во гаснењето на пожарот интервенирале и хеликоптери. Екипата од Територијалната противпожарна единица Гостивар ја следи состојбата, но не може да интервенира заради непристапен терен.

Во општина Јегуновце во селата: Сиричино, Туденце и Копанце има пожар на отворен простор кој е се уште активен. Гори сува трева и огнот се движи кон Жеден. На местото интервенира екипа од ПСШ „Лешница“ Тетово. Околу пладне е интервенирано е и со хеликоптери.

Пожарот, кој се појави вчера во попладневните часови во атарот на селото Владимирово, кај место викано Кочански рид е под контрола. Во пожарот е зафатена сува трева и нискостеблеста шума (грмушки). Во моментот на терен се вработени од Шумското стопанство „Малешево“ и лица од локалното население.