Македонија
19. July 2024 - 16:34

Академијата за судии и јавни обвинители ќе бара нов директор

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ќе бара наследник на Габер-Дамјановска која минатиот петок поднесе оставка од директорската позиција. На денешната седница одлучи да распише оглас, ама најпрво ќе го извести Министерството за финансии кое треба да даде согласност за плата на директорот. За дел од членовите, спорно е што пријавувањето ќе се случи во ек на судската ферија, па можеби заинтересираните немало да успеат да конкурираат.

Пред Управниот одбор се најде и барањето за одговорност за членовите иницирано од Антикорупциската комисија бидејќи Академијата одлучила да тестира кандидати за прием во ек на изборна кампања. Сметаат дека сега случајот е беспредметен по оставката на Габер-Дамјановска, па за таквата состојба и официјално ќе ги известат антикорупционерите.

Во меѓувреме, стопиран е процесот на селекција на кандидатите кои се пријавија за судии и обвинители. Владата ја задолжила Академијата да не вработува нови слушатели, бидејќи претходните согласности не биле усогласени со државниот буџет. Сега Управниот одбор чека Владата да каже дали да продолжи селекцијата или процесот ќе биде целосно стопиран.