Loading Video...
Македонија
5. September 2024 - 21:17

Гркот Михалис Рокас ја почнува европската мисија во Македонија

Го засилува ли Унијата европскиот мониторинг за спроведување на Преспанскиот договор и уставните измени со новиот евроамбасадор Михалис Рокас.

Грчкиот дипломат кој од денеска е во Македонија ќе ја води европската мисија во следните 4 години. Со голема дипломатска подлога, Рокас доаѓа во Македонија во време кога дијалогот со Бугарија речиси и да не постои, а соседна Грција најави дека будно ќе го следи исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор, по доаѓањето на новата власт. 

Сепак, очекувањата на познавачите се дека тој нема да ги брани грчките национални ставови, туку ќе ги застапува интересите на Унијата и оценката за напредокот на Македонија ќе ја гради принципиелно.

Поранешниот амбасадор Ружин очекува и значајни поместувања во европскиот пат на Македонија за време на неговото амбасадорување.

Рокас, кој доаѓа на местото на Дејвид Гир, досега ја исполнуваше функцијата претставник на ЕУ во Малезија. 

И Бугарија испраѓа нов амбасадор во земјава. Секретарот на бугарската историска комисија Жељазко Радуков е името кое ќе ја врши амбасадорската функција. Неговото назначување за амбасадор според бугарските власти е заслуга за клучната улога која ја имал во преговорите со францускиот предлог како и во билатералните преговори за Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија, потпишан во јуни 2022 година.

Токму Протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Радуков веќе ги предал акредитивните писма на министерот Муцунски. Од МНР велат соговорниците го потврдија заедничкиот интерес и посветеност за натамошен развој на билатералните односи и унапредување на соработката низ процес на меѓусебен дијалог кој подразбира негување на пријателство, добрососедство и заемно почитување меѓу двете држави.