Македонија
27. September 2024 - 16:44

АХВ: По сомнежот на труење со храна во „Ѓорѓија Пулевски“ наредено затворање на кујната

По добиено известување за сомнеж за труење со храна на 8 деца во основното училиште Ѓорѓија Пулевски во скопската општина Аеродром, инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје,

Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето. Земени се 4 контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна - салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици кои ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и 5 бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната.

Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната. Наредено е затворање на кујната, од која инаку не се носеле оброци за други училишни кујни, се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со кои ќе се потврди безбедноста.