Македонија
7. August 2024 - 21:19

23 години од убиството на бранителите кај Карпалак

И по 23 години од случувањата на „Карпалак“ државата нема слух да го реши овој случај, како се случи овој терористичкиот чин, каде загинаа 10 мина прилепчани. Ова е ставот на преживеаните бранители учесници во конфликтот од 2001 година кои денеска оддадоа почит пред споменикот на загинатите бранители на Карпалак во прилепската казарна „Мире Ацев“. Од околу 100 преживеани учесници на овој немил настан 15-тина веќе починале во текот изминативе 23 години.

„По 23 години досега ништо не се знае, никој нема објавено. Сеќавањата никогаш нема да исчезнат, траумите што ги имаме никогаш нема да ги заборавиме. Нашата порака е никогаш да не се повтори ова. Но ние постојано секоја година бараме да се расчисти овој случај, но досега никој ништо нема направено. Државата нема волја за тоа“, вели Душан Бошевски, учесник на настанот на „Карпалак“.

Пред спомен обележјето освен здруженијата на бранителите се поклонија и семејствата на загинатите, делегации на АРМ, Општина Прилеп, како членовите на Општинската организација на Сојузот на борците на Прилеп.

„Денеска се сеќаваме и евоцираме спомени, а дел од непосредните учесници во тогашните случувања преку нивните сведочења ја пишуваат историјата која не треба да биде заборавена. Дел и од нивните преживеани другари и учесници во настаните се денес за жал починати. Денешниот и утрешниот ден треба да бидат денови на сеќавање и оддавање на достојна почит на бранителите“, истакна потполковник Славчо Кузманоски, командант на прилепската касарна.

Утре ќе биде оддадена почит на нивните вечни почивалишта, во црквата Света Петка ќе се одржи панихида, а свежо цвеќе ќе биде положено и на нивниот споменик во центарот на Прилеп. Делегации ќе ја посетат и месноста „Карпалак“ на патот Скопје-Тетово.