Македонија
30. January 2025 - 19:48

22 годишна девојка загина на пешачки

Случајни минувачи денеска палеа свеќи на булеварот Партизански одреди каде синоќа околу полноќ живот го загуби 22 годишната Фросина Кулакова, откако беше удрена со автомобил од 20 годишен возач, кој според информациите на Сител не поседувал возачка дозвола. 

Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција. Возачот В.Ј. бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Дваесетгодишникот се уште е во станица, се чекаат резултатите од вештачењето на обвинителот- со која брзина возел, дали бил под дејство на алкохол или психотропни супстанци. 

Возачот е задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина. Исто така, јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на снимки од видео надзор на локацијата, како и за преземање на сите други дејствија за целосно испитување на настанот.

Булеварот Партизански одреди е нем сведок на тешки сообраќајни несреќи во текот на годините, кои завршиле со фатални последици за пешаци кои го преминувале. Дел од граѓаните велат дека не се чувствуваат сигурно преминувајќи ја улицата, а се вози и над дозволеното.